Велика Британија ги олабавува мерките – сите граѓани неделно дома ќе добиваат по два теста за коронавирус

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека сите граѓани во Велика Британија ќе имаат пристап до два бесплатни теста за ковид 19 неделно, поради планираното олеснување на мерките.

Се очекува Џонсон да објави план во текот на денот за повторно воспоставување на меѓународни летови и повторно отворање на економијата, а масовното тестирање потоа може да спречи ширење на вирусот и да открие заразени лица кои немаат никакви симптоми.

Додека остатокот од Европа се затвора поради зголемениот број на пациенти, британскиот премиер планира да ги релаксира мерките во наредните месеци, што ќе биде голем поттик за економијата што е меѓу најтешко погодените од пандемијата.

„Бидејќи продолжуваме да напредуваме во областа на вакцинацијата и внимателно ги олеснуваме ограничувањата, редовното брзо тестирање е поважно од кога било, за сè што сме направиле досега да не биде залудно“, рече Џонсон.

Министерот за здравство Едвард Аргар рече дека тестовите ќе бидат испратени на домашна адреса или може да се набават во аптеките и местата за тестирање. Тој вели дека им верува на луѓето дека ќе се изолираат доколку се позитивни на вирусот.

Масовното тестирање ќе им помогне на властите да го следат ширењето на вирусот, бидејќи земјата полека се отвора.

Продавниците, фризерите и градините во угостителските објекти се очекува да започнат со работа на 12 април, додека бројот на заразени во одредени земји и вакцинациите ќе бидат земени во предвид за меѓународните патувања. Се разгледува и воведувањето на „пасоши за вакцинација“ за масовни настани.

Засега меѓународното патување е суспендирано до 17 мај и не е познато дали тој рок ќе биде поместен.

Училиштата се отворија во средината на март, но бројот на пациенти не се зголеми, покажа масовното тестирање.

Во Британија, вакцинирани се повеќе од половина од возрасната популација.