„Една од најосетливите теми во Македонија е чувството дека некој ги предизвикува посебноста, идентитетот и јазикот, а тоа чувство е надразнето со провокации од чинители од Бугарија“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната средба со неговиот бугарски колега Николај Милков.
„Доколку успееме ова да го тргнеме на страна, граѓаните во Република Северна Македонија, Македонците да почувствуваат пријателство и топлина од страна на Република Бугарија по однос на овие прашања, верувајте дека ќе се отвори целиот можен простор за соработка, па и за разговор во однос на работата на Историската комисија, по однос на имплементацијата на Договорот за пријателство, по однос на имплементација на протоколот“, вели Бујар Османи.
Османи од Софија порача дека Законот за регистрација на здруженијата ќе оди на проверка во Венецијанска комисија, откако претходно бугарското МНР преку соопштение реагираше дека измените на овој закон се дискриминирачки.
„Меѓутоа, еве тука ќе кажам јавно поради тоа што се оспорени одредени прашања од самиот закон, јас ќе предложам Владата да го прати законот во Венецијанската комисија, за да Венецијанската комисија каже точно дали има елементи кои што се спорни во тој закон или не“, вели Бујар Османи.
Бугарскиот министер Милков рече дека Бугарија има интерес да го врати позитивниот ред во меѓусебните односи, нешто што во последните месеци се загубило на двете страни од границата.
„Парадокс е што имаме визија за развивање на регионот а истовремено за развивање на нашите двострани односи, парадокс е што имаме механизми за нивното решавање кои се определени од потпишаните двострани документи имајќи го предвид Договорот од 2017 година“, вели Николај Милков.
Ппратениците и од власта и од опозицијата неодамна без ниту еден глас против, ниту воздржани со 67 гласови „за“ ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња. Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени.
