По цели две години, ветеринарите од целиот Балкан се сретнаа за да поразговараат за најчестите проблеми со кои се соочуваат и болестите кај животните. Велат дека се важен дел од општеството, но се чувствуваат маргинализирани. Томислав Николовски, претседател на Ветеринарската комора на Македонија, вели дека иако оваа професија е многу важна, сепак младите генерации не ја претпочитаат толку, а за тоа говори малиот број на студенти.
Оваа професија ја има истата судбина и во соседна Албанија. Од албанската Ветеринарска комора, велат дека ветеринарите зависат од сточарите. Ако тие се економски слаби, и нашата професија ја губи вредноста, вели Емир Елези.
„Благосостојбата и услугата на ветеринарите е поврзана со благосостојбата и формата на сточарот. Еден економски силен сточар, значи еден силен ветеринар. Ова се две поврзани страни. Оваа услуга се поврзува и со професионалноста. Што попрофесионален ветеринар, толку повеќе влијае и врз погледот кон услугата што им ја нуди на сточарите“, истакна Емир Елези.
Но, според Џевдет Красниќи, во Косово ветеринарите имаат поголема перспектива. Вели дека има доста студенти запишани на факултет и дека се доста организирани.
„Ние во 2001 година почнавме со организација на ветеринарите, но ова бара многу работа, бидејќи треба да се вклучат многу субјекти за да успееме. Меѓутоа, ние постигнавме добра структура. Имаме соработка со државните институции и невладините организации за подобрување на условите. Иако не сме во многу завидна состојба, постојано одиме кон подобрување на нивната состојба“, посочи Џевдет Красниќи.
Според ветеринарите, заштитата на здравјето на животните е од големо значење, а тоа, како што објаснуваат, се докажало преку ширењето на Ковид од лилјаците, а сега и од мајмунските сипаници. Додаваат дека со заштитата на здравјето на животните, се штити и здравјето на целото човештво. Но, ветеринарите настојуваат дека треба да бидат третирани посоодветно.
