Ветувања за охридската педијатрија – Сали вели дека не може да се создаде медицински кадар преку ноќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на јануари и сега во февруари, кога бројот на заразени деца со вирози е многу висок, родителите од Охрид се обврзани нивните деца да ги носат во струшката педијатрија бидејќи веќе 2 години во Охрид е затворен одделот за педијатрија и работи само како амбуланта преку ден. Пред извесно време министерот за здравство, Беким Сали, вети дека педијатријата во Охрид ќе биде вратена во функција со носење на специјалисти од други градови, но тоа не се случи. Денеска пред медиумите изјави дека преку ноќ не можат да создадат медицински кадри.

Но, состојбата не е подобра ниту во Струга. И тука недостасуваат специјалисти за педијатрија и во врска со тоа реагираа и самите лекари. Во Струга состојбата е влошена бидејќи освен децата од Охрид, таму одат и од другите населени места, нешто што им го оптоварува капацитетот. Директорот на струшката болницата, Арменд Аслани, се надева дека наскоро ќе биде ставена во функција одделението за педијатрија во Охрид.

„Моментално ги покриваме денските услуги во Охрид, што се однесува до одделот на педијатрија каде имаме двајца специјалисти, имаме две консултанти но за период од еден или два месеци ќе имаме и двајца други специјалисти кои се во завршна фаза на нивниот трансфер и сметам дека за краток период ќе почнат и дежурствата“, порача Арменд Аслани.

Овие изјави Министерот и Директорот на струшката болница ги дадоа при посетата во оваа болница и набавката на модерен мамограф за рак на дојка.