Кинески претприемач ја изеде банана за која плати 5,2 милиони долари на аукција во Њујорк.
Пред неколку дена една банана залепена за ѕид со трака беше продадена за повеќе од шест милиони долари, а купувач беше Џастин Сан. Освен што купил банана и селотејп, добил и сертификат за автентичност и упатство за замена на овошјето кога на крајот ќе изгние.
Меѓутоа, тогаш најави дека ќе ја изеде бананата пред да изгние, што и го направи сега. Тој објасни дека тоа е неговиот метод со кој „го почитува своето место во историјата на уметноста и популарната култура“.
Сан го исполни своето ветување на 29 ноември во хотелот Peninsula, еден од најлуксузните хотели во Хонг Конг. Тој одржа говор пред печатот илустрирајќи ги паралелите помеѓу концептуалната уметност и криптовалутата. Како спомен, секој учесник доби ролна селотејп и банана.
Јадејќи ја бананата рече дека е „подобра од другите“.
„Јадењето банана на прес-конференција, исто така, може да стане дел од историјата на уметноста“, рече тој.
За потсетување, бананата залепена за ѕидот со изолациона лента е концептуално уметничко дело наречено Комичар. Стана вирална сензација откако италијанскиот уметник Маурицио Кателан го претстави во 2019 година. Посетителите се обидоа да откријат дали парчето овошје залепено на белиот ѕид е шега или духовит коментар за сомнителните стандарди на колекционерите на уметнички дела.
Аукциската куќа Сотби објасни како делото брзо стана глобална вирална сензација која привлече рекордна посетеност, ги преплави социјалните мрежи, се појави на насловната страница на Њујорк пост и ги подели публиката и критичарите.