Вишото јавно обвинителство Скопје се согласува поранешниот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски да излезе од притвор со гаранција, пишува „360 степени“.
Од таму велат дека ваквиот став на второстепената обвинителска инстанца следува по жалбата на Рашковски на продолжувањето на мерката притвор против него во втората половина на мај од страна на Кривичниот суд во Скопје.
„Ве известуваме дека Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена Жалба на обвинетиот Д.Р. со понудена гаранција, до Апелациониот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција во висина од 30.686.215.00 денари и да ја замени мерката притвор со понудената гаранција“, велат од ЈОРМ за „360 степени“.
Иако Вишото обвинителство се согласува, сепак конечната одлука по жалбата, треба да ја донесе Апелацискиот суд во Скопје.
Инаку, во моментов против Рашковски се водат две истраги поврзани со спроведени тендери.
