Високи цените на овошјето и зеленчукот, кумановскиот пазар празен – граѓаните се жалат на неподносливи цени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Среда напладне! Зелениот пазар во Куманово речиси празен!

Оние малку што ги затекнавме рекоа дека купуваат само најосновни работи, жалејќи се дека цените станале неподносливи – и на овошје-зеленчук и на другите артикли.

„Многу скапо во однос на платите и пензиите, сѐ е поскапено! Без разлика – и овошје-зеленчук и лебот, нема ништо евтино. Имаме премногу вработени политичари и нивните гласачи што мораат некаде да земаат плата: те гласав, плати ме. Затоа страдаат овие што не се во политика, категориите што тешко се снаоѓаат на пазарот, младината – ја гледаш по кафетерии, само политичарите да живеат, останатите нека ‘умрат’.“

„Никогаш не прашувам за цени, тоа што е – не можам да направам пазар. Што да му кажам, може или не може?! Не вреди.
– Воопшто, како ти изгледаат цените според животниот стандард?
– Според стандардот се скапи, но и трговците треба да живеат.“

„Мислам дека е скапо! Цените се високи и на зеленчук и на овошје според платите и приходите на граѓаните. Една од причините е и недоволното производство од нашите земјоделци, несигурниот пласман, поскапувањето на суровините што ги користат – и ова е резултат на ситуацијата.“

Трговците велат дека цените се зголемени од големопродажба. Утрово на пазарот – познат како „Кванташки“ – килограм краставици се продавал за 150 денари. Некои велат дека во овој период овошјето и зеленчукот се увезуваат, главно од Турција и Грција, и како последица на транспортот и царинењето – растат и малопродажните цени.

„Цените се скапи генерално – зелката 30–40 ден/kg, пиперките 200 денари. Со оваа плата тука не може да се живее.
– Последниве денови кои производи најмногу се поскапени?
– Пиперките, бананите, еве јаболките 50–60 ден/kg, бананите 75.
– Дали влијаат и празниците?
– Да, влијаат, токму овие последните денови пред празниците се очекува цените уште да растат.“

Според Заводот за статистика, во ноември трошоците за живеење биле 4% повисоки од истиот месец лани, а индексот на малопродажни цени пораснал за 3%. Само во еден месец, од октомври до ноември, инфлацијата пораснала за 0,5%. Групата на храна и безалкохолни пијалаци бележи најголемо зголемување. Во ноември годинава, цените се повисоки за 5,4% во споредба со минатата година. Овошјето е поскапено за 18%, додека месото, маслата и мастите имаат цени над 7% повисоки. Најдрастичен раст има артиклите што зависат од светските берзи – кафето, чајот и какаото со 27%.