Влада: Не наседнуваме на провокации – Аналитичарите од Скопје и Софија со различни гледишта на „репреговарање“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ваквиот фолклор и естрада не заслужуваат внимание – коментираат од Владата, откако нашата амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска беше повикана во бугарското МНР за, како што соопштија, остар протест поради изјавите на вицепремиерот Александар Николоски.

Николоски неодамна кажа дека техничката Влада во Бугарија нема легитимитет, ја сочинуваат политички маргиналци и ќе се чека стабилна политичка Влада за разговори за деблокада на евроинтегративниот процес. Според бугарската новинарка Маринела Величкова, изјавата на Николоски не води до ништо корисно, а поранешниот амбасадор Васко Наумовски повика на воздржаност.

„Ми се чини дека подолго време со оваа реторика се прелива „од пусто во празно“. Бугарската Влада, независно дали е техничка или редовна политичка, не еднаш истакнува дека предоговарање на Договорот за пријателство и добрососедство или на преговарачката рамка во практика е невозможно“, изјави Маринела Величкова, новинарка на БТА.

„Она што нашите политичари би требало да го прават е да се воздржат од впуштање на поконкретни дискусии со бугарските политичари, затоа што тоа ќе биде само во контекст на самите избори во Бугарија и во корист на политичките партии таму“, изјави Васко Наумовски, дипломат.

Сепак, Величкова вели дека темата за Македонија не присуствува во предизборието освен ако не се започнат меѓусебни реплики со македонски политичари.

„Има преговарачка рамка, која е изгласана на ниво на ЕУ, од 27 држави, една од нив е Бугарија и затоа нема причина поради која Бугарија би кревала на политичко ниво ваков вид на тези и да присуствува Република Северна Македонија во предизборната реторика“, изјави Маринела Величкова, новинарка на БТА.

Амбасадорот Наумовски пак смета дека со стабилна политичка Влада може да се отпочнат разговори за деблокада.

„Тие се уште не се целосно дел од Шенген зоната и не се дел од Еврозоната и тука се појавува една шанса за останатите влијателни земји членки на ЕУ, како и самите институции на ЕУ да разговараат со соседна Бугарија и нејзиното раководство и да се обидат на еден пријателски и конструктивен начин да ги образложат придобивките од процесот на проширување“, изјави Васко Наумовски, дипломат.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно кажа дека со новата Влада во Бугарија би можело да се разговара за додаток на францускиот предлог.