Доколку пред неколку дена килограм брашно oд најевтиниот беше околу 25 денари, денес во неколку маркети и продавници кои ги посети ТВ21, истото беше за 5 денари поскапо.
Иако купувачката ни рече дека другото брашно било 29 денари, поскап од тој што го земавме, сепак на каса ја плативме истата цена. Еден денар поскапо плативме за друг тип на брашно во друг маркет.
Зголемена е и цената на пакетите од 5 килограми. На пример, истиот претходно беше 105 денари а сега е 150.
Зголемени се цените и на вреќите со брашно од 25 килограми. Доколку пред одредено време брашното тип 400 беше 600 денари, сега е околу 750 денари.
Тв21 дозна дека има и илегални продавачи, кои во текот на ноќните часови продаваат вреќи со брашно, а продажната цена стигнува и до илјада денари.
За да се спречат овие појави, Владата одлучи да ги замрзне цените на производите како што се: брашното, шеќерот, оризот, гравот и хигиенските производи. Со оваа владина одлука, продавачите се обврзани да не ги менуваат цените, а доколку граѓаните забележат зголемување на цените, тоа можат да го пријават на телефонскиот број 02 3220 547.
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашоска, рече дека на терен не е забележено зголемување на цените.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат да се обрне внимание на датумот на производството.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека нема место за паника бидејќи има доволно резерви.
Потребата за резерви од храна дојде откако почна паниката кај граѓаните дека ќе останат изолирани поради пандемијата на коронавирусот.
