„Владата го избира потешкиот пат за интеграција“ – Мицкоски: Македонија ќе го заслужи местото во ЕУ со квалитет, а не со отстапки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата ќе го следи потешкиот пат кон Европската Унија, одбивајќи компромиси кои ги смета за понижувачки за државата и националниот идентитет, изјави премиерот Христијан Мицкоски на Самитот 2026 организиран од Македонија 2025. Тој нагласи дека членството во ЕУ треба да се заслужи преку реформи, квалитет и конкретни резултати, а не преку „потпишување бели листови хартија“ кои, според него, создаваат проблеми за идните генерации.

„Владата што ја предводам има различен пристап во споредба со претходната Влада. Ние оценуваме дека нема пократок пат. Поточно има, но тој пат има свои предизвици. Најчесто тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме: ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по тој пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и резултати, а не со потпишување бели листови хартија, бидејќи тие на крај создаваат проблеми за идните генерации.“, вели Мицкоски.

Мицкоски рече дека поддршката на граѓаните за европската интеграција останува стабилна, иако долгиот процес предизвикал фрустрации. Тој додаде дека Македонија реализирала 16 од 21 точки од Реформската агенда и е меѓу најуспешните земји од Западен Балкан во овој процес.

„Во однос на спроведувањето на Реформската агенда во јануари, од 21 индикатор, 16 се успешно завршени и за тековниот период на мерење земјата е најдобра во групата од шесте земји од Западен Балкан.“, рече Мицкоски.

Според премиерот, земјата треба да продолжи да докажува резултати и квалитет за да го заслужи местото во ЕУ, без прифаќање нови услови поврзани со идентитетот, Уставот или други национални прашања.