„Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“ – Мицкоски бара да запре притисокот врз незадоволните пратеници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека оваа Влада е на ДУИ поддржана од СДСМ. Тој уште еднаш го поздрави, како што рече, праќањето на позитивни сигнали од неколкумина пратеници од власта дека на оваа Владата мора да ѝ се стави крај. Мицкоски побара Владата да не врши притисок врз овие пратеници, туку да ги пушти да постапат согласно нивна волја.

Со реакција се јави и СДСМ. Од таму вели дека Мицкоски и 2023 година ја почнал со истата лага, дека наводно обезбедил гласови за распуштање на Собранието.

„Мицкоски е заложник на Левица и под сенка на осудениот бегалец Груевски, уплашен за својата фотелја. Како што ја заврши 2022, така заложникот на Димитар Апасиев и Левица, Христијан Мицкоски, ја започна и 2023 година – со невистини, со закани и со лажна надеж дека само што не дошол на власт. Исплашен за сопствената фотелја во Белиот дворец, Мицкоски по кој знае кој пат ја отвора приказната за ново парламентарно мнозинство и предвремени парламентарни избори“, вели СДСМ.

Од албанскиот блок, пак, Движењето Беса бара избори, а за Алијанса за Албанците приоритет се уставните измени. Од оваа партија велат дека ако измените евентуално пропаднат, тогаш изборите се неизбежни. Власта е децидна дека ќе се одржат редовни парламентарни избори во 2024 година.