Владата планира со законски измени десеткратно да ги зголеми казните за картелите. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески во емисијата Бизнис 21 кажа дека планот е наредната година, наместо да се казнуваат со 20.000 евра, големите маркети и трговците кои го изигруваат законот и ги договараат цените да добиваат казни и до 200.000 евра.
-Наредна година се надеваме дека ќе има одредени промени посебно во казнената политика на законот, вели заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
ТВ21: Зголемување на казните?
Ристески: Да, десеткратно зголемување на казните посебно за големите маркети. Место да имаме казна 20.000 евра, да се движи над 100.000 евра, да биде и 200.000 евра казна. Меѓутоа тоа сепак треба повторно да го разговараме сите и да го договориме на едно ниво кое ќе значи и заштита на стандардот на граѓаните од вакви изигрувања, картелски здружувања.
Ова следува по реакциите во јавноста дека казните кои ги изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата за картелското здружување на 4-те маркети се преслаби. Иако законот предвидува казна до 10 проценти од годишниот приход, кој се движи и над стотина милиони евра, Антимонополската управа ги казни со глоба од по 50.000 евра. Сојузот на стопански комори беше казнет со 18.000 евра. А десет осигурителни компании беа казнети со вкупно 280.000 евра, бидејќи се договориле да ги поскапат полисите за автомобилска одговорност. Сега се истражуваат и 40 автошколи за кои КЗК се сомева дека ги договарале цените за обука на возачи.
Ристески вели се направиле за стабилизација на цените и се надева дека инфлацијата догодина ќе биде пониска од околу 4 проценти колку што е годинава. Иако најави дека владината просечна потрошувачка кошничка ќе се објави во јануари, сега рече дека министерот одлучил таа да се донесе на следната седница на Економско социјалниот совет, но не откри колку изнесува.
ТВ21: Дали ја направивте пресметката колку се разликува од тие 60 над 65.000 денари колку што ги пресметува синдикатот?
Ристески: Мислам дека има некоја разлика, нема да биде.
ТВ21: Надолу или нагоре?
Ристески: Па не би кажал сега затоа што ќе изгуби атрактивност кога би ја промовирале.
-Исклучени од оваа просечна потрошувачка кошничка ќе бидат цигарите, акцизните стоки, алкохолот и цигарите и станарината бидејќи сметаме дека во Македонија каде што 90 посто од населението живее во сопствен стан нема потреба од пресметување за просечна потрошувачка кошничка и ќе биде пресметана на четиричлено семејство, вели заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Она што се знае е дека во кошничката ќе влезат овошје и зеленчук кои се сезонски за тој период од годината. А според Ристески, предвиден е и годишен одмор.
Инаку минималната синдикална кошничка која ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија покажува дека на едно четиричлено семејство во декември му биле потребни околу 65.500 денари за да го преживее месецот.
