По алармантната состојба со мечките во село Жировница, општина Маврово и Ростуше побара да се прогласи вонредна состојба. Во меѓувреме, Владата донесе неколку мерки преку кои се бара: да се отстрани целото ѓубре во близина на селото, да се обезбедат посебни капацитети за чување на мечките надвор од населените зони, да се обезбедат имотите каде што се чува добитокот, пчели и друго, дислоцирање на мечките и организирано користење на средства за заплашување на мечките.
-Како градоначалник на општината апелирам до сите органи во наредниот период заеднички да дејствуваат за мерките што се преземени да се спроведат во наредниот период и истовремено да бидат одобрени. Не преземајте една, па друга мерка бидејќи мечките сега се навикнати да влегуваат во селата. Почесто чистете го ѓубрето. Мечките почнаа почесто да влегуваат во селото и населбите и затоа мора истовремено да се спроведат мерките за да не дојдеме до ситуација мечките да нападнат и човек-вели Медат Куртовски, градоначалник на Маврово и Ростуше.
Според Куртовски, досега во полиција се пријавени над 100 напади на мечки кои нанеле штета на добиток и имот.
Претседателот на месната заедница на село Жировница, Аднан Салиу, смета дека мерките на Владата не се ефикасни.
-Реално, Владата мораше да прогласи кризна состојба во општина Маврово и Ростуше. Овој проблем не е само во Жировница туку и во другите населени места. Жировница е најзагрозена во моментов, но истото се случува и во другите села. Како што рекоа моите соселани, штетата што ја направија мечките во Жировница е голема. Тие го гледаат овој проблем како да се слепи и глуви. Тие си седат таму во канцелариите во метрополата и многу лесно раскажуваат приказни и ни ги читаат законитевели Аднан Спахиу, претседател на месната заедница Жировница.
Жителите на Жировница велат дека ваквата состојба трае веќе неколку месеци и додека владата не ги спроведе мерките жителите ќе останат заглавени во своите домови.
