По точно еден месец од изборот на новата Влада пред пратениците се најде изборот на замениците министри со што се пополнува вториот ешалон од власта и се комплетира целиот владин состав. Во своето експозе премиерот Христијан Мицкоски најпрво го критикуваше работењето на претходната Влада за што рече дека ќе има одговорност, а на новите министри им порача дека верува во нив и очекува да работат посветено.
„Буџетите безмилосно се трошени и дека државата душмански и крвнички се крадела, епа господа бидете така зашто многу скоро ќе има одговорност“, вели Христијан Мицкоски.
Со изборот на замениците на министрите нашата цел е да ја зацврстиме стабилноста на Владата и да обезбедиме ефикасна и компетентна извршна власт. Новиот тим ќе донесе свежи идеи и енергија во Владата. Тие ќе работат заедно со министрите за да реализираат реформите кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард за сите граѓани.
Блерим Беџети од Европскиот фронт обвини дека и премиерот Мицкоски, но и пратениците од власта ја презеле улогата на обвинител.
„И вие и премиерот почнавте да играте улога на обвинител. За делот на премиерот ќе зборувам, ниеден премиер немал добар старт кога ја презел улогата на обвинител, воопшто не не вознемируваат тенденциите што вие можете да мислите дека спомнувате роднини, дека е покрената постапка. Ова ниту ви носи храброст ниту пак го земаме како слабост и страв. Секој пред законот ќе одговара онака како што вели законот“, порача Блерим Беџети.
Миле Талески од СДСМ со критики кон новиот состав на Владата, вели дека се што претходно ветувале, сега ги излажале граѓаните.
„Излеговте пред изборите и покажавте во овие 30 дена дека ги излажавте граѓаните. Нема 5 илјади денари пензија за пензионерите, тоа ги излажавте пензионерите. Ги излажавте граѓаните дека нема да ги задолжите. Прва одлука која што ја направивте со тој фамозен кредит или не знам што некакви средства ќе земете од вашиот пријател Орбан дека ќе ги задолжите граѓаните со 500 милиони евра“, вели Миле Талевски.
Од коалицијата ВРЕДИ добиваат 7 заменички места и тоа во министерството за одбрана, за транспорт и врски, во МВР, земјоделие, образование и во култура и туризам. Халил Снопче од оваа коалиција порача дека и министрите и замениците треба да имаат одговорност во својата работа.
„Тоа му доаѓа горе-долу дека нивната одговорност е еднаква на одговорноста на министерот. Значи од оваа гледна точка, упатувам апел бидејќи нормално, ќе бидат избрани тие лица, тие да ја земат со најголема сериозност оваа должност која ние ќе им ја одредиме“, порача Халил Снопче.
Изборот на новите заменици министри се очекува да се случи до крајот на денов, за што потребна е поддршка од најмалку 61 пратеник.
