Намалување на цените на 13 основни прехранбени производи од 1 март, најавува министерот за економија, Крешник Бектеши.
Владата по препорака на министерот за економија донесе одлука за одредување маржи за увоз на одредени прехранбени производи, со цел да се спречи зголемување на цените.
-Се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10% на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5%, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот, рече Бектеши.
Бектеши додава дека со оваа одлука нема да се дозволи трговците за заработуваат на грбот на граѓаните, па затоа најави високи казни за компаниите кои нема да ја почитуваат одлуката.
-Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука, ќе следуваат казни. За прекршување на овие мерки согласно Член 30 од Законот за трговија се предвидува: казна во висина од 800 до 1.000 евра за трговец поединец, потоа од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра за големите супер маркети, вели Бектеши.
Мерката ќе важи од 1 март до 31 мај 2022 година. Во текот на овој период екипи на Државниот пазарен инспекторат ќе бидат на терен со засилени контроли, а граѓаните за секаков вид неправилност можат да се јават на линијата 191.
