Со челниците на Европската Комисија премиерот Христијан Мицкоски ќе ги разговара можностите за гаранции на евроинтегративниот пат – односно, да нема нови билатерални прашања до членството во Унијата. Мицкоски отпатува во Брисел, каде ќе се сретне со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен и претседателот на Советот, Шарл Мишел. Премиерот најави дека ќе им ја пренесе фрустрацијата на граѓаните од процесот, поради, како што вели, вештачки наметнатите пречки.
„Да знаеме дека ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во таа 2018-та година, за три-четири-пет години максимум ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија. Се останато се приказни и замки на коишто како Влада, ниту пак јас како човек имам намера да наседнувам“, вели Христијан Мицкоски.
Сепак, според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, минимални и скоро непостоечки се шансите за исчекор за гаранции.
„Челниците на Европската Унија, имајќи предвид дека преговарачката рамка ја сметаат за фиксна, за било кој друг билатерален проблем во основа одговорот ќе биде „ако вие и Бугарија се договорите за некоја промена, ние немаме со тоа проблем“. Но, тоа значи дека повторно согласноста за таква промена на веќе договореното ќе мора да заврши во Софија. Во моментов не гледам никаков мотив или причина Софија да прифати било каква промена на условите коишто се еднаш договорени“, вели Петар Арсовски.
Извори од МНР велат дека сериозно се работи на т.н. „француски предлог плус“, но засега тоа било идеја, а не формален предлог за евентуални уставни измени со одложена примена. Според изворите, од наша страна е важно да нудиме решенија и да се води дијалог иако во меѓународните односи нема гаранција за успех. Тие сметаат дека патот до решение нема да биде лесен и ќе се чека формирање на стабилна политичка влада во Бугарија.
Инаку, освен премиерот Мицкоски, за Брисел заминаа и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Официјалната причина за посетата е финализирањето на Планот за раст, со кој Европската Унија ќе одвои дополнителни финансиски средства за Македонија, а за возврат земјава ќе треба да спроведува реформи.