Бидете дел од развојната приказна на Македонија – држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој. Оваа порака премиерот Христијан Мицкоски им ја упатил на турските бизнисмени на бизнис форумот во Истанбул.
Мицкоски, заедно со уште неколку министри, меѓу кои Дурмиши, Николоски, Муцунски, но и бизнисмени од Македонија, во овие два дена ќе бидат во најголемиот економски центар во Турција, Истанбул со цел поврзување на македонските и турските бизнисмени.
Според впечатоците од првиот ден, Мицкоски вели дека заинтересираноста на турските бизнисмени била голема.
„Нашата цел е, нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овде во Истанбул, во Турција. Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија. Она што ние ќе го правиме овие два дена овде во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка која што ние како Влада ја даваме за привлекување на странски директни инвестиции“, вели Мицкоски.
Во фокусот на форумот беше зајакнувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и отворањето нови инвестициски можности. Беше презентирана и Мапата за инвестирање во Македонија која нуди сеопфатен преглед на инвестициските потенцијали, развојните зони и можностите за вложување во земјата, со цел нивна промоција пред странските инвеститори.
Во делегацијата е и министерот за економија Бесар Дурмиши, кој како што велат од неговиот кабинет, имал неколку средби со турски бизнисмени.
„Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и новиот концепт на зелени индустриски зони, создаваме нови можности за инвеститорите, модерните технологии и нови работни места со додадена вредност. Преку одржливи партнерства, модерни економски политики и јасна визија за развој, градиме поконкурентна, поиновативна и попривлечна економија за инвеститорите. Верувам дека економската соработка меѓу Северна Македонија и Турција ќе продолжи да се продлабочува, носејќи нови инвестиции, квалитетни работни места и заеднички просперитет за граѓаните на двете земји“, рече Дурмиши.
Форумот беше организиран во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.
