„Нема одново преговарање на Преспа. Нема одново преговарање за патот кон Европската Унија. Тоа е многу јасно.“, вели Анџела Агелер.
Премиерот Христијан Мицкоски е делумно согласен со ставот на американската амбасадорка Анџела Агелер. Според него, Преспанскиот договор е реалност во уставниот поредок на Македонија. Сепак, од друга страна, за да се внесат Бугарите во Уставот што е неопходно за продолжување на евроинтегративниот пат, власта бара нов предлог со, како што вели Мицкоски, барањата на македонскиот народ.
„Ако можел Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. француски предлог, не гледам причина зошто да не се додаде и некој француски предлог плус.“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски бара да нема двојни стандарди – односно да се покрене прашањето за Македонците во Бугарија. Тој упати повик до бугарскиот претседател Румен Радев.
„Никој не е против бугарската заедница. Ние ги почитуваме тие неколку стотина наши сограѓани коишто за себе велат дека се дел од бугарската заедница. Но, бараме исто така од претседателот на Бугарија да ги почитува правата, човековите и малцинските, на македонската заедница во Бугарија.“, додаде Христијан Мицкоски.
Неколку пати претходно бугарски државници изјавија дека нивниот Устав е граѓански и не содржи малцинства. Последно, кога Мицкоски побара промена на преговарачката рамка, од бугарската дипломатија соопштија дека не се согласни за промена на договорените услови. Исто така и челниците на ЕУ потенцираа дека не треба да се очекува промена на преговарачката услови. Најдиректен беше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји според кого критериумите се јасни.
