Власта растрчана пред избори – Заев: Не водиме кампања, промовираме проекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште неполн месец до старт на официјалната кампања за претстојните локални избори, но  власта е постојано на терен. Секојдневно премиерот Заев во придружба на министри но и градоначалници кои голем дел се и актуелни кандидати за градоначалници, пуштаат објекти се промовираат проекти. Се крши ли Изборниот законик со предвреме почната кампања, премиерот Заев вели дека проекти промовирале и претходно и дека  се е според законите. Заев вели, вакви настани не значат незаконски старт на кампањата пред пропишаниот рок.

„Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено и ние го почитуваме самиот закон. Сите други капитални објекти сме ги промовирале и пред месец дена и пред 6 месеци и пред една година и ќе продолжиме да ги промовираме. Затоа што така е добро, затоа што така прави целиот свет и затоа што тоа е секојдневие во сите овие 4 години. Не се прави нешто посебно сега од тоа што се правеше пред 6 месеци или пред една година“, истакна Зоран Заев.

Иако претходно кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, тогашната опозициска СДСМ силно реагираше на ваквите промовирања на проекти пред да почне кампањата. Заев вели, дека оттогаш е постигнат договор со сите политички партии што може а што не може да се прави.

„Оттогаш постигнавме договор кој што до ден денеска го почитуваме сите, вклучително и опозицијата бидејќи опозицијата некаде има локална самоуправа под своја надлежност, односно ја води градоначалник од опозицијата, зборувам и за ВМРО-ДПМНЕ и за Алијанса и за другите опозициони политички партии. Така што тој договор е постигнат и денеска се почитува“, посочи Зоран Заев.

Заев заедно со министри, градоначалници денеска беше на отворање на реконструираниот Бит-пазар, за што од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека тоа е само популизам.

„Гол популизам е што Владата отиде на промоција на приватен проект затоа што нема свој. СДСМ и ДУИ државата ја втурнаа во рецесија, потрошија четири огромни буџети, ја задолжија државата. 60 илјади нови невработени оставија на улица а се фалат со приватна инвестиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Антикорупциска и претходно укажа дека со ваквите настани и промоции се прави, како што истакнаа, суптилно кршење на законите и водење предвремена кампања.