Владејачките партии ги осудија активностите на ДУИ. На иста маса седнаа лидерите од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, Зекирија Ибраими, Биљал Касами и Арбен Таравари, според кои опозицијата шири реторика на поделби. Од „Вреди“ истакнаа дека ДУИ манипулира со јавното мислење и лажно се претставува како заштитник на албанскиот јазик. Од „Вреди“ повикаа Албанците да бидат мирни, бидејќи албанскиот јазик ќе бил заштитен, а за ДУИ оценија дека го копира сценариото со шаторите на Никола Груевски од пред Државната изборна комисија.
„Оваа партија прво го изгласа Законот за јазиците со аномалии. Второ, тие го испратија Законот до Венецијанската комисија, која ја оспори законитоста на три клучни члена. Трето, откако сфатија дека ќе бидат во опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд, сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии за да избегнат одговорност за нивните корумпирани поранешни функционери.“, вели Сандра Имери од ВРЕДИ.
Обвинувања на адреса на ДУИ пристигнаа и од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата нагласија дека ДУИ приредува политички циркус и продава патриотизам. ВМРО-ДПМНЕ ги повика опозиционерите, како што велат, „да не седат на ладно“.
„ДУИ се демаскирани, сите гледаат дека нивното политичко делување последните неколку месеци е само во насока на заштита на политичките криминалци кои ја ограбија државата. Наместо да седат на ладно, подобро ќе биде да се реформираат како партија, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување.“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека Владата нема да дозволи никаква опасност по мирот. Според партијата, институциите се на висина на задачата и заедно со меѓународните партнери се разменуваат информации, и ќе делуваат ако има потреба.
