Влен го помести рокот за промена на Уставот – наместо за шест месеци, на неодредено ќе се чека за внес на Бугарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата „Вреди“ се повлекува од шестмесечниот рок за внес на Бугарите во Уставот. Евроинтеграциите беа еден од клучните приоритети и услови на „Вреди“ при составот на владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Од коалицијата неколку пати потенцираа дека дале рок од шест месеци да има исчекор на ова поле, а од друга страна премиерот Христијан Мицкоски велеше дека со рокови и ултиматуми не работи. „Вреди“ сега го пролонгираше рокот, но не се знае до кога. Според нив, вината лежи во Бугарија.

„Да имавме актуелна Влада, функционална, во Бугарија сметам дека веќе ќе имаше и отпочнати преговори за да се постигне договор меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Така што, имајќи ја предвид состојбата во Република Бугарија сметам дека има простор тука, во координација со меѓународниот фактор да се пролонгира рокот.“, вели Фари Исени.

Сега, останува неизвесно дали „Вреди“ ќе успее да ја реализира најавата дека оваа Влада ќе ги почне преговорите за членство.

„Јас сум сигурен дека оваа Влада ќе ги започне преговорите и не сакам да не бидам преамбициозен – и дека ќе ги заврши во мандатот додека ќе ја има оваа Влада.“, вели Арбен Таравари.

Од опозициската СДСМ претходно истакнаа дека се песимисти за евроинтеграциите со новата власт. Прашани за шестмесечниот рок на „Вреди“ оттаму порачаа да се реализираат ветувањата.

„Сите партии ветувањата коишто си ги дале пред гласачите треба да ги исполнат. Ако ВЛЕН ова им го вети на гласачите, коишто дадоа доверба и со чија што помош тие станаа дел од Владата, тогаш очекувам дека ќе си ги исполнат тие ветувања.“, додаде Даниела Николова.

Премиерот Мицкоски неодамна истакна дека ќе чека стабилна политичка Влада во Софија со која ќе разговара за одложена примена на уставните измени. Сепак, најголемите политички партии во Бугарија истакнаа дека нема да отстапат од веќе договореното.