Од ВЛЕН реагираа во врска со кратката изјава на премиерот Христијан Мицкоски, поврзана со прашањето за министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Од партијата велат дека Лимани сам се исклучил од партијата и дека неговиот понатамошен политички пат е негова лична работа.
„Нашиот став како ВЛЕН за прашањето со Фатмир Лимани беше конзистентен во текот на целиот период. Тој сам се исклучи и како резултат на тоа повеќе нема да го претставува ВЛЕН во Владата по реконструкцијата што следува. Неговиот понатамошен политички пат е негов личен избор и не сакаме да го коментираме“, велат од ВЛЕН за ТВ21.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на Кичево, беше придружуван од Лимани. На новинарско прашање дали ќе продолжи соработката со министерот, и покрај информациите за влошени односи со ВЛЕН, Мицкоски кратко одговори:
„Гледате дека министерот е со мене…“
