ВМРО-ДПМНЕ: Филипче пронајде нов начин да го зајакне идентитетот, ќе го продаде – СДСМ ја обвинува власта за двојни аршини: Бугарски бизнис за своите, изолација за Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжуваат препукувањата меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ поврзани со спорот со Бугарија и идентитетските прашања.

„Венко Филипче вели дека Бугарија не го негирала македонскиот идентитет, иако ставовите на официјална Софија се јасни по ова прашање, дека сметаат оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека македонскиот и бугарскиот народ. Иако Филипче јасно тврдеше дека не слушнал никој до сега како источниот сосед го негира македонскиот идентитет, сепак успеа да ги усогласи своите ставови со бугарското МНР“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, Филипче вели дека идентитетот би се зајакнал ако Македонија ги внесе Бугарите во Уставот, и тврди дека не бил загрозен на тој начин, иако Бугарија не го испорачува својот дел од обврските. Како што велат, тој ја обвинувал својата држава дека создавала вештачки конфликти со соседите.

„Заев еднаш веќе го отвори Уставот, а Филипче чека да дојде на ред за да го направи истото. По стапките на Заев, подготвени се и СДС и Филипче на нова национална отстапка, само за да успеат да се додворат на Радев, очекувајќи дека некој ќе ги донесе на власт, затоа што народот веќе се има изјаснето дека нема да ги гласа. Притоа, СДС и Филипче како опозиција се целосно отсутни, бојкотираат работни групи, одбиваат дијалог, и не признаваат ништо што Владата направила и што е добро за граѓаните. Нивната цел и стратегија се сведува само да се вратат на власт, без разлика по која цена и преку какви компромиси“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, СДСМ и Филипче сметаат дека не се тие криви за ваквите политики на распродажба, на редефинирање на историјата, туку народот е крив оти не ги гласа. „И сега сакаат народот пак да им верува и да ги гласа по сите предавства што ги направија“, се вели во соопштението на владејачката партија.

Од СДСМ пак велат дека генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е меѓу најблиските соработници на премиерот со бугарски пасоши односно бугарски државјанин. 

„Според документи кои се објавени во медиуми од Бугарија, Игор Јанушев е поврзан со компанијата „ФЛУГБАН ТРАНС“ ДОО со седиште во Ќустендил. Компанијата има годишен промет од околу 320.000 евра, но пријавува добивка под 10.000 евра“, тврдат од опозициската партија.

Спред нив, додека премиерот и неговите најблиски соработници имаат бизнис интереси во Бугарија, истовремено ја блокираат европската интеграција на Македонија, а граѓаните чекаат со часови на граница поради новиот Шенгенски систем и поради немањето напредок во ЕУ интеграциите и намерната изолација на земјата од страна на ВМРО. 

„За себе и своите луѓе – бизнис во Бугарија, бугарски пасоши, компании со сомнителни финансиски извештаи. За граѓаните на Македонија – изолација, блокада на европскиот пат, економска криза и чекање на граница. Додека тие се богатат и прават бизнис преку Бугарија, граѓаните плаќаат цена за нивната политика на изолација. Граѓаните на Македонија заслужуваат Влада која работи за нив, а не за своите бизнис интереси во Бугарија.“, соопштија од СДСМ, обвинувајќи ја владејачката партија за двојни аршини.