ВМРО-ДПМНЕ го потврди референдумот, прашање се уште нема – СДСМ и АА: ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓаните со референдумот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иницијативата за референдумско изјаснување опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја потврди и на Извршниот комитет на партијата, но се уште не е утврдено како ќе гласи прашањето на референдумот. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече дека за неговата формулација ќе консултираат експерти од разни области, а ќе се бара помеѓу билатералниот спор и Протоколот меѓу Македонија и Бугарија како и Преговарачката рамка. Уставните промени нема да биде дел од прашањето, бидејќи како што истакна пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се гарант дека тие нема да се случат.

„Донесовме одлука иницијативата за референдумско изјаснување на граѓаните да биде приоритет над сите приоритети. Ова се три одвоени процеси, првиот процес е билатералниот спор заедно со протоколот кој што е извор на проблемот. И третиот процес кој што зависи од вториот а тоа е конечното презентирање или јавно усвојување на преговарачката рамка. Значи од прилика тука треба да се бара референдумското изјаснување меѓу првиот и третиот процес“, вели Христијан Мицкоски.

Но од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквите најави за спроведување референдум ги манипулира граѓаните, а дека во партијата нема демократски капацитет и единствено Мицкоски носи одлуки.

„ВМРО-ДПМНЕ лицемерно и безидејно се однесува во целиот овој момент, шири лажни вести. КОнкретно ВМРО-ДПМНЕ бараше референдум и за Преспанскиот договор но тој референдум го бојкотираа. ВМРО-ДПМНЕ собираше потписи за пописот за кој што исто така и тој го бојкотираа. ВМРО-ДПМНЕ  е безидејна партија која што е должна на граѓаните да им објасни зошто ги лажеа граѓаните дека има бугаризација и асимилација, должни се да им објаснат на граѓаните дека ги лажеле и ги манипулирале во овој период“, посочи Миле Талески.

Поддршка за референдумот нема ниту од опозициската Алијанса за Албанците. Велат дека со нивното гласање на францускиот предлог го кажале својот став.

За референдумското изјаснување во врска со францускиот предлог опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да собере 150 илјади потписи на граѓани, кои потоа ќе ги достави до Собранието кое, пак, треба да го распише референдумот.