ВМРО-ДПМНЕ против дипломати со двојно државјанство – Милошоски: Освен македонско, немам друго државјанство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е против тоа амбасадорите да можат да имаат двојно државјанство за кое владејачкото мнозинство планира да го овозможи преку измени на Законот за надворешни работи. Антонио Милошоски обвинува дека власта со ова сака да протурка на амбасадорски места лица кои имаат двојно државјанство. Најавува дека ќе ги блокираат измените со 300 до 400 амандмани.

„Во законот за класифицирани информации пишува дека за да се стекне сертификат Државна тајна кој што секој амбасадор мора да го има смее да има двојно државјанство. Второ сметаме дека не треба законот паушално да се прилагодува за некои личности на кои што им е ветено да бидат амбасадори сега да го менуваме законот заради нив. Министерот за надворешни и премиерот добро ги знаат тоа се тројца кандидати на кои што им е ветено амбасадорско место“, истакна Антонио Милошоски.

Од владејачкото мнозинство со реакција дека ВМРО-ДПМНЕ во минатото испраќале амбасадори кои имале двојни државјанства за кое многу добро знаел и Милошоски. Координаторите на СДСМ Јован Митревски на  ДУИ Арбр Адеми и на Беса Кастриот Реџепи кои се подносители на измените излегоа со заеднички став. Велат дека идејата била да се дозволи кандидатите за амбасадори да имаат двојно државјанство, но со ограничување да не можат да бидат амбасадори во земјата каде имаат второ државјанство. Најавија дека ќе го повлечат предлог законот.

„Овој ист закон, со ист текст беше во процедура и во минатиот пратенички состав и тогаш ВМРО ДПМНЕ немаше никаква забелешка, ниту пак поднесен еден амандман. Тогаш беше истиот претседател на собраниската комисија. Нема да дозволиме некој да прави личен театар и да бие внатрепартиска битка во ВМРО ДПМНЕ правејќи театар од Собранието. Затоа ќе го повлечеме предлог законот од процедура, а внатрепартиските битки нека ги водат во партиските седишта“, вели Јован Митревски.

Но, токму двојните државјанства односно за оние кои имаат бугарски пасош вчера се огласи и бугарското МНР од каде истакнаа дека немаат намера да се откажат и да ги предадат 88 илјади македонски граѓани со бугарски пасоши. Иако за Милошоски се шпекулира долго време дека и тој има и бугарско државјанство, тој негира.

„Освен македонското државјанство не поседувам друго и не планирам, ниту ми е потребно“, додава Антонио Милошоски.

Премиерот Заев вчера не даде прецизен одговор дали е за или против двојните државјанства. Рече дека за тоа треба да се дискутира, затоа што, како што истакна, имаме дијаспора која има уште еден пасош освен македонскиот.