Арбен Таравари од Коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива денеска на прес конференција, по новинарско прашање за тоа кој е во игра за градоначалник на Град Скопје, истакна дека за Скопје се уште немаат став, меѓутоа доколку се направи соработка Алијанса/Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе се однесува на повеќе општини каде што имаат интерес како политички партии.
„Ние побаравме од ДУИ да се натпреваруваме првиот круг заедно, меѓутоа тие пред 2-3 недели направија коалиција со СДСМ и ние автоматски сме принудени и ќе го направиме следниот потег кој што е контра потег на тоа што го направија СДСМ и ДУИ“, истакна Таравари.
Тој вели дека засега не знае за кандидат за градоначалник на Град Скопје, но доколку истиот биде професионалец, нова генерација на политичар кој што нема лоша позадина, тие (Алијанса/Алтернатива) се подготвени за секогаш да им дадат предност и да ги поддржат.
„Ние сме подготвени секогаш да им дадеме предност и да ги поддржиме се со цел да направиме промена во Град СКопје бидејќи мислам дека Скопје заслужува промена после овие 4 години каде што имаше тотална стагнација во инфраструктурата и во развојот, генерално во Скопје“, подвлече Таравари.
