ВМРО-ДПМНЕ за укинување на кодексот на Собранието-Џафери: Дадено е на преведување, ќе биде ставен на наредна седница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до законодавниот дом доставија предлог за престанување на важењето на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието. На овој чекор се одлучија откако на вчерашната седница на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања не започна расправата по предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали претседателот на Собранието Талат Џафери го прекршил етичкиот кодекс по протекувањето на снимката, но и заклучувањето на вратите на салата на Собранието.


„Гледајќи дека ова нема да профункционира, гледајќи дека веќе се наоѓаме во ситуација кога имаме еклатантен пример на непочитување на Деловникот, службениците, колегите и побаравме да се дискутира за тоа, одлуката на крај е индивидуална, можеше да биде како сака, меѓутоа, дискусија мораше да има, ние се доведовме во ситуација парламентарното мнозинство да реши да не се дискутира на темава“, рече Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.


На барањето на Мицевски Кодексот да се стави на дневен ред одговори собранискиот спикер Талат Џафери.


„Да така е, доставен е да се преведе и откако ќе се преведе ќе биде на наредна седница како по процедура за секој, затоа од таа причина до пратениците не е поделено и не е отпочната законодавна постапка и предлогот нема да се става на гласање“, рече Џафери.


Токму за овој случај со собраниските снимки но и заклучувањето на вратите во Собранието опозициската ВМРО-ДПМНЕ за претседателот на Собранието Талат Џафери достави и барање за негова интерпелација за што од кабинетот на собранискиот спикер уште минатата недела посочија дека ќе биде запазен временскиот рок кога таа ќе биде ставена на седница.