ВМРО-ДПМНЕ: Започнати над 300 проекти – модерни водоводни и канализациски системи и пречистителни станици, СДСМ: Граѓаните пијат отров а одговорни нема

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и опозицијата со спротивставени ставови за состојбата со животната средина и водоснабдувањето во земјава. Додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата реализира големи инфраструктурни проекти за подобра комунална мрежа и почиста животна средина, од СДСМ обвинуваат дека граѓаните се соочуваат со сериозни проблеми со квалитетот на водата и бараат одговорност од надлежните.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции насочени кон регулирање на речните корита, изградба и реконструкција на водоводни и канализациски системи, како и изградба на пречистителни станици.

Како дел од овие проекти, од партијата го посочуваат проектот за регулација на коритото на Сува Река, за кој се обезбедени 376 милиони денари. Проектот опфаќа уредување на делница долга речиси 12 километри, од патот за село Бојане до вливот во Треска кај село Глумово.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека завршено е уредувањето на коритото на Мала Рада, а во тек е и изградба на водоснабдителен систем во Лениште, вреден над 21 милион денари. Во завршна фаза, според нив, е и замената на водоводната мрежа на делови од булеварот „Гоце Делчев“ и улиците „Кузман Јосифоски“ и „Ленинова“, инвестиција од над 7 милиони денари.

Партијата посочува и дека во тек е изградба на канализациски систем за отпадни води во село Враништа, општина Струга, проект вреден над 91 милион денари, како и изградба на пречистителна станица во Чучер Сандево, со инвестиција од околу 70 милиони денари.

„Обезбедени се средства и започната е реализација на над 300 инфраструктурни проекти од различен обем, со цел модернизација на водоводните и канализациските системи и подобрување на условите за живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, реагираат дека граѓаните се соочуваат со сериозни проблеми поврзани со безбедноста на водата за пиење и бараат објавување на официјални анализи и одговорност од надлежните.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека сè уште нема официјален документ за анализите на водата во Гостивар и побара одговори за тоа кој ги изработил и одобрил извештаите и кои се параметрите од испитувањата.

Од опозициската партија наведуваат повеќе случаи каде, според нив, имало проблеми со квалитетот на водата, меѓу кои Гостивар, Крушево, Маврово, Лепенец и Вардар, Валандово, Лешок и Булачани.

СДСМ бара итно спроведување анализи на водата во целата држава и тврди дека мора да се утврди политичка и кривична одговорност доколку било пропуштено навремено реагирање.

Од партијата обвинуваат дека надлежните институции не презеле соодветни мерки за заштита на здравјето на граѓаните, додека од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат ваквите критики и посочуваат на инвестициите во инфраструктурата и заштитата на животната средина.

Двете најголеми политички партии остануваат со спротивставени позиции – власта зборува за нови проекти и подобрување на системите за вода, а опозицијата бара одговори за актуелните проблеми и квалитетот на водата што ја користат граѓаните.