Во 2017 година се воделе разговори за широка коалиција, но упадот во законодавниот дом, урнал сè
“Ова за прв пат го зборувам. Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалиција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО“, истакна Никола Тодоров.
Од настаните, сите имаат трауми, а загуби и ВМРО-ДПМНЕ од 70.000 до 100.000 гласови. Тодоров сведочеше за случувањата и дека добил повил од Шеќеринска која го информирала дека тие се наоѓале во прес салата на Собранието и дека има едно лице убиено.
„Веднаш се јавив кај директорката на Итната медицинска помош која испрати екипа, но истата не можеше да влезе во Собранието. Јас се обидов да се симнам и да ги внесам, но бевме истуркани и не успеавме да стигнеме до прес салата. Се упативме во една од канцелариите во Собранието и тогаш започна акцијата на полицијата. Прва интервенција беше врз полицаец кој беше повреден од шок бомба. Потоа јас се качив на трети кат и го барав Села заедно со двајца доктори…”, додаде Никола Тодоров.
Екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска потенцираше дека одлука на органи на партијата поврзани со протестите не и се познати.
„Не ми се познати такви одлуки кога јас сум присуствувала на седниците, а од записниците не сум забележала таква одлука. 27-ми април остави траги кај сите нас“, посочи Гордана Јанкуловска.
Јанкуловска рече дека партијата формално никогаш не се изјаснила и немала став по однос на протестите, но рече дека знаеле заеднички во партија да гледаат вести и да ги коментираат изјавите на поединци.
Тогашната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ со идентичен став.
„Дента на 27-ми април како претседателка на Унијата на жени, најодговорно тврдам дека до мене нема стигнато никакво барање за да се мобилизира членството или граѓани за било каков протест на 27-ми април“, вели Даниела Рангелова.
На денешното рочиште беа поканети вкупно 17 актуелни и екс функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Застапникот на обвинението денеска пред вас потврди дека не постои никаков документ пишан дека партијата ВМРО-ДПМНЕ стои зад овие протести или организацијата на она што се случило на 27.04 во Собранието“, додаде Еленко Миланов.
За организацијата на „27 април“, Обвинителството ги обвини поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, и бившиот директор на тогашната УБК, Владимир Атанасовски.
Сите се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
