Во Студеничани победи Ејуп Абази од НАИ – По четири мандати, Азем Садики не е повеќе градоначалник

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Звукот на тапаните ги исполни уличките на селото, жителите започнаа со прослава со знамиња и победничко скандирање.

Ејуп Абази од НАИ победи во општина Студеничани во вториот круг на локалните избори.

Преку објава на неговиот официјален профил на Фејсбук, Абази им се заблагодари на жителите.

-Сега, свечено изјавувам: Од овој момент, јас не сум градоначалник на една група или на еден глас. Јас сум градоначалник на сите граѓани на Студеничани! Се коилнам пред Бог и пред вас, ќе ја водам Општината чесно, без отстапување од служба и без разлики. Големата работа започнува сега – за исполнување на секое ветување, вели Ејуп Абази, кандидат за Студеничани од НАИ.

И Азем Садики, кој четири последователни мандати беше на чело на оваа општина, им се заблагодари на граѓаните за учеството и поддршката што му ја дале во текот на овие години. На Абази му ја честиташе победата.

-Имав чест да бидам на чело на нашата општина четири мандати, период во кој со посветеност и непрекината работа се обидував да реализирам многу проекти кои денес оставаат трага во секое населено место на Општина Студеничани. Никогаш нема да ги заборавам моите блиски луѓе кои беа мојата поддршка и ми останаа верни во текот на целиот овој период, бидејќи тие се дел од сите мои успеси, вели Азем Садики, кандидат поддржан од ВЛЕН.

Според податоците на ДИК, Ејуп Абази од НАИ освои 4.361 глас, додека неговиот независен противкандидат Азем Садики, поддржан од ВЛЕН, освои 4.173 гласа.