Оваа фотографија на која наздравуваат е единствената што произлезе од средбата на претседателите на албанските партии со премиерот на Албанија, Еди Рама.
Фотографијата ја објави Рама, кој по средбата не излезе да говори пред медиумите, туку на Фејсбук напиша:
-НА ЗДРАВЈЕ!
ОВАА НЕКА БИДЕ СРЕЌНА ГОДИНА ЗА АЛБАНЦИТЕ КАДЕ И ДА СЕ!
По средбата, лидерот на интегративците, Ахмети рече дека целото внимание на средбата било насочено кон случувањата и заедничкото патување на Северна Македонија и Албанија кон отворањето на преговорите за членство во ЕУ, нагласувајќи дека патот што ни претстои ќе биде многу потежок од она што е направено досега, затоа, како што додаде, потребна е координација меѓу двете држави. Запрашан за реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека за државни прашања и национални интереси, одлуките се носат во Македонија и македонското Собрание, Ахмети одговори:
-Единствената алтернатива на Македонија е ЕУ. Мислам дека единствена алтернатива се уставните измени и отворањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Уставните измени не му штетат на македонскиот идентитет и заедница. Македонскиот идентитет се зајакнува со отворање на Уставот, со вметнување на Бугарите како уставна категорија, Хрватите, Црногорците со тоа го зајакнуваат нивниот идентитет. Тие нè имаа како поддршка за нивниот идентитет, култура и историја и ќе продолжат да нè имаат. Без Албанци нема Македонија-рече Ахмети.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари рече дека на средбата станало збор и за уставните измени.
„Меѓу другото, разговаравме и за тоа. Јасно е дека најголемиот дел од албанските партии, без никаква дискусија, се за уставни измени и тоа јавно го изјаснија. Нема албанска партија во Македонија која е против уставните измени, со единствена цел – во ноември да стартуваат вистинските преговори со ЕУ.“, изјави Таравари.
Претседателот на ДПА, пак, Мендух Тачи рече дека не разговарале за ништо конкретно, освен за заедничката иднина на двете земји во Европската Унија.
-Братска средба си ја честитавме Новата година едни на други, како и на сите Албанци. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската унија, за ништо поконкретно. Ви благодарам! На здравје!“, рече Тачи.
На средбата присуствуваше и првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши, но не сакаше да се произнесе пред претставниците на медиумите. Во Тирана не отпатува претседателот на Беса, Биљал Касами, од каде велат дека Ахмети и Груби го користат Рама за да ги извади од калта во која тонат веќе две децении.
Со реакција се јави независниот пратеник Скендер Реџепи – Зеjди. Тој, синоќешната фотографија ја направи црно-бела и ја објави на Фејсбук со натпис „креваш здравица – Албанците страдаат“, наведувајќи неколку прашања и проблеми кои ги тангираат Албанците во Македонија.
