Вода за пиење носат во количка – над 400 домаќинства во Количани без вода

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ги полни шишињата со вода од чешмата која се наоѓа на сред селото Количани, општина Студеничани, бидејќи дома немаат вода.

Џеват ја наполни количката со вода и ја турка до дома…

 За да има вода дома, треба да наполни резервоар од илјада литри.

Истата мака ја делат уште 400 домаќинства во селото. При нашата посета, го сретнавме Џеват Аземовски советник во о.Студеничани. Тој вели дека парите се издвоени за изградба на водоводната мрежа, но дека нема политичка волја да се заврши работата.

Но, градоначалникот на Студеничани, Азем Садику вели дека за три дена ќе биде избрана компанијата која ќе ја гради мрежата. Не даде конкретен рок кога жителите на Количани ќе добијат вода во нивните домови!

„Секако дека е голем грев. Жителите донекаде имаат вода, но мрежата е дотраена. Сега со проектот, предвидено е паралелно да се изгради целосната секундарна мрежа со водомери. Секоја куќа ќе има плус резервоар за вода. Ќе се изгради нова цевка од изворот до резервоарот со која проблемот ќе биде решен 90%“, посочи Азем Садику.

И додека да биде изградена водоводната мрежа во с.Количани, децата се надеваат дека нема да ја имаат истата судбина како нивните родители и нема да стравуваат дека ќе останат без вода за пиење и одржување хигиена.