Водата во Скопје е безбедна за пиење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните на Скопје и оваа недела можат без грижа да ја користат водата од градскиот водовод, покажуваат најновите лабораториски анализи на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Од претпријатието информираа дека редовниот неделен извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење е изготвен врз основа на испитувањата спроведени од Секторот за санитарна контрола.

Во периодот од 4 до 8 мај 2026 година биле земени вкупно 192 примероци за физичко-хемиска анализа и уште 192 примероци за микробиолошко испитување.

Контролите биле спроведени на 48 мерни места низ подрачјето на Град Скопје, со цел постојано следење на состојбата во водоснабдителниот систем.

Според добиените резултати, сите анализирани примероци ги исполнуваат условите утврдени во Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Од ЈП Водовод и канализација посочуваат дека и понатаму редовно ќе продолжат со мониторингот, со цел навремено информирање на јавноста и одржување на високите стандарди за квалитет на водата во главниот град.