Се разгоруваат внатрепартиските превирања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако деновиве Иницијативниот одбор за 28 март закажа вонреден Конгрес на партијата за смена на претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Поранешниот функционер на ВМРО ДПМНЕ и еден од иницијаторите за вонреден конгрес за ТВ21 вели дека тие ја имаат поддршката од две третини од делегатите на партијата.
„Поддршката на пратениците претпоставувам дека е поддршка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и тие се пратеници пред се на партијата, на ВМРО-ДПМНЕ и искрено верувам дека доколку дојде до промена на раководството на овој вонреден конгрес дека, исто така тие пратеници ќе застанат позади новото раководство. Вонреден конгрес го сочинуваат сите оние делегати од последниот конгрес се работи за повеќе од 500-ини делегати. За да биде тој конгрес легитимен потребно е да има две третини од членовите на тој вонреден конгрес, ние таа поддршка досега веќе ја имаме“, вели Ивица Коневски од Иницијативниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.
По ова пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение му даде целосна поддршка на актуелниот претседател и партиското раководство. На поддршката потпишана од пратениците тие порачаа да се почитува Статутот и надлежностите на партиските органи. Потпретседателот на партијата и пратеник Александар Николовски обвинува дека иницијативниот одбор работат во соработка со премиерот Зоран Заев.
„Целокупниот Центар за комуникација на СДСМ или како и официјално да се вика во овој момент е во координација со двајца-тројца членови на тој Иницијативен одбор и на дневна основа создаваат и пласираат невистини во јавноста преку социјалните медиуми преку изјави на дел од нив и во одредени медиуми каде што можат да ги пробијат тие информации. На дневна основа се работи оваа операција и во овој момент истите тие разработуваат стратегија како да пласираат вакви невистини“, вели Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев отфрла било каква вмешаност во внатрепартиските превирања на опозициската партија. Имам премногу работа во СДСМ и немам намера да се мешам во внатрешни процеси на друга партија, вели тој.
„Тоа е нивна работа, на членството на ВМРО-ДПМНЕ, тие одлучуваат како што членството на СДСМ одлучува за Социјалдемократскиот сојуз. Директно ги отфрлам сите сомневања и обвинувања за вмешаност на Зоран Заев во било какви внатрешни процеси во ВМРО-ДПМНЕ . Што ќе постигнам со промената на Мицкоски? Ќе биде нешто подобро за СДСМ? Или ако дојде некој ќе биде нешто подобро за СДСМ? Јас очекувам здрава и силна опозиција“, вели Зоран Заев.
Покрај закажаниот вонреден конгрес од страна на Иницијативниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, во средата Централниот комитет на опозициската партија донесе одлука за одржување редовен конгрес во ноември годинава.