Првиот човек на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) Орце Ѓорѓиевски вели дека 90 отсто од градинките, училиштата и останатите јавни објекти во државава се исконтролирани изминативе неколку дена и тие се безбедни за секој посетител. Тој смета дека во јавноста неосновано се создал впечаток дека ова се први вакви контроли на објектите во последно време. Вети дека деновиве на јавноста ќе и бидат доставени податоците колку вакви објекти има во секоја општина и колку контроли се направиле до 31.12.2024 година, за да се види која општина колку била ажурна во минатото. Вонредните контроли биле мултисекторски.
„Вонредни инспекциски контроли. Во кои што учествуваат инспектори од централната власт, односно од централните институции. Ние немаме надлежност да го провериме ПП апаратот во дадено училиште, но за тоа има надлежност инспекторот од ДЗС, кој што присуствува заедно со инспекцијата од општината во сите училишта и према тоа се изготвува записник за состојбата која што таму ја затекнале.“, вели Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.
Ѓорѓиевски го потврди мислењето што веќе доминира во јавноста, а тоа е дека законите се така направени, за да може тешко да се направи сеопфатна контрола. Најави дека на проширената седница на ЗЕЛС каде присуствуваа и градоначалници на поголемите општини, договорено било да се направи правилник за урбаната опрема на ниво на цела држава.
„Ако утврди комисијата, односно телото, кое што е задолжено од денес за изготвување на таа програма и правилник, дека е потребна и законска интервенција за да бидеме унифицирани на републичко ниво, ние тоа од законодавецот ќе го побараме.“, изјави Ѓорѓиевски.
Засега, неправилностите околу урбаната опрема што во најголем дел е од угостителите чии објекти имаат тераси, нема да се казнуваат. Ќе се даде рок од еден месец се да се доведе според законите и правилниците.
Најавени се контроли и на зградите, но од ЗЕЛС велат дека тука имаат големи законски и човечки ограничувања, бидејќи на локално ниво недостасуваат минимум 40 градежни инспектори, а скоро да нема инспектори за домување. Но дел од реалните состојби зависат и од самите граѓани, кои со своето однесување ги оставаат хидрантите без црева или ги затвораат пожарните скали.
