Возач изгубил контрола над автобус во Бразил – десет загинати, меѓу кои и две деца

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во несреќа на автобус во југоисточниот дел на Бразил загинаа десет лица, меѓу кои две деца, а 18 повредени лица беа пренесени во болница, соопштија пожарникарите.

Се претпоставува дека возачот на автобусот, во кој се превезувале 45 патници, изгубил контрола над возилото, кое ја преминало средната лента на автопатот пред да се преврти, се вели во соопштението на противпожарната служба.

Несреќата се случила синоќа во близина на општината Арагуари во државата Минас Жераис. Меѓу 18-те лица кои се пренесени во болница, некои се во тешка состојба, велат пожарникарите. Властите соопштија дека автобусот сообраќал меѓу централната држава Гојас и југоисточниот дел на Сао Паоло.

Во декември, 41 лице загина во автобуска несреќа во истата држава Минас Жераис, што е најголем број на смртни случаи во земјата од 2007 година. Несреќите со фатални последици се вообичаени на патиштата во Бразил, огромна земја со слабо развиена железничка мрежа.