Возачот и лицето што избега од Штип негативни – контроли на залихите и цените на заштитните маски во аптеките

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Негативен е тестот на жената која утрово со јавила со знаци на вирус на Клиниката за инфективни болести, информираат од Министерството за здравство. Таа пред три дена се вратила од критичниот регион на Северна Италија, а оттаму пристигнала со сопствен превоз заедно со уште еден член од нејзиното семејство. Негативни се и резултатите од тестовите на двете лица кои вчера избегаа од штипската болница, како и на возачот на комбето кој ги превезувал патниците од Италија меѓу кои и заболената од коронавирус. Министерот Филипче вели дека нејзината состојбата е добра и дека веќе два дена нема температура.

„Исто така е негативен тестот на пациентот кој со симптоми се јавил преку виничкиот здравствен дом во штипската болница на Инфективното одделение, прочитавме сите за инцидентот дека избегал и отишол дома. Добро е што немал никакви контакти“, додаде Филипче.

Филипче вели дека корона вирусот за разлика од сезонскиот може да опстане на површина и до неколку часа, затоа нагласува да се почитуваат апелите за што почесто миење раце и дезинфекции. Инспектори се на терен, вели тој, за да ги проверат тврдењата дали има зголемени цени на маските.

„Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за лекови Малмед ќе направат увид во однос на количините кои што ги има залихите како и цените. Нека ја завршат работата во текот на денот и утрешниот ден па да видиме како е реалната состојбата па врз основа на тоа ќе носиме одлуки“, посочи Филипче.

Филипче вели дека е во контакт и со македонскиот конзул во Италија од каде бил информиран дека нема ниту заболени ниту наши граѓани кои се во карантин. Тој вели дека сите треба да се придржуваат на препораките да не се организираат јавни собири, но и покрај ваквите укажувања Агенцијата за млади и спорт денеска организираше спортски настан „Играј фер“. Ракометниот клуб Вардар утрешниот натпревар против Момпеље ќе го игра пред публика, објави раководството на клубот. Единствено до препораките се придржуваат театрите кои до 6 март ги откажаа претставите.