Вработените во јавно претпријатие без придонеси -Цека бара да бидат дел од петтиот владин пакет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработените во Јавното комунално претпријатие-Тетово  сѐ уште се без платени придонеси, а ја немаат земено ниту декемвриската плата. Директорот Џељал Цека, вели дека тој побарал претпријатието со кое раководи да биде опфатено во петтиот пакет мерки на Владата, бидејќи како што вели, поради пандемијата работат со загуба.

„Имаме проблеми со придонесите од јуни, поради пандемијата што го зафати целиот свет. Нè погоди и нас како претпријатие, а загубите што ги имаме како претпријатие се околу 26 милиони денари. Имаме проблеми со придонесите и обврските кон нашите снабдувачи. Ние побаравме од Владата да бидеме дел од петтата фаза, но не мислам само како претпријатие, туку на државно ниво, бидејќи работниците кога ние бевме во карантин и за време на полициски час, го собираа ѓубрето низ градот и домовите и се грижеа за водата“, вели Џиљал Цека – директор на ЈКП Тетово.

Декемвриска плата не зеле ниту вработените кои се со договор на дело, но Цека ветува дека сите ќе бидат исплатени. Тој додава дека добиле ветување оти ќе биде вклучени во петтиот владин пакет, иако тие веќе побарале кредит.

„На оние со договор на дело им го подмиривме 11-тиот месец и немам други обврски. Ни беше ветено дека ќе бидеме дел од петтиот пакет и се надевам дека така ќе биде. Ние не седевме со скрстени раце, побарав кредит за да излеземе од оваа ситуација бидејќи не гледам друго решение. Работиме на тоа да добиеме кредит и да ги решиме проблемите кои се појавија за време на пандемијата“, вели Џељал Цека – директор на ЈКП – Тетово.

На седницата на Советот на општина Тетово беше изгласано подигање кредит за Јавното комунално претпријатие во износ од 26 милиони денари, додека пред неколку месеци вработените протестираа барајќи исплата на нивните придонеси, бидејќи како што се пожалија, досега сите болнички трошоци ги плаќале од свој џеб.