Враќање на животот во нормала: Предложени олеснителни мерки, но полицискиот час останува ист

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полека на повидок е враќање на животот во нормала. Комисијата за заразни болести предложи план за ублажување на рестриктивните мерки кои ќе се спроведуваат во неколку фази. Предлогот за кој треба да одлучува Владата предвидува неделава да се отворат центрите за едукација, обука и семинари за возрасни, да се организираат седници за органи за управување, да се отворат автошколите, испитните центри, спортските центри на отворено за индивидуални спортови, обложувалниците преку шалтери и затворените трговски центри, но без угостителска дејност.

Но, како ќе функционираат кафулињата и рестораните кои ќе се отворат следната недела? Во емисијата „10 Минути“ на ТВ21, министерот за економија, Крешник Бектеши, откри кои угостителски објекти нема да се отворат.

-Нема да можат да се отворат оние кои немаат тераса.

ТВ21: Значи мора да има отворен простор?

Бектеши: „Отворен простор, но важно е да се нагласи дека и на отворено или тераса, мора да има растојание меѓу масите и да се запазат серија мерки предвидени со протокол.“.

Предлогот е на 10м2 да има само една маса, на која нема да можат да седат повеќе од 4 луѓе. Со овие услови, малите локали не можат да имат повеќе од две маси, што не им оди во корист од економски аспект.

-Неколкумина членови на Владата сметаат дека треба да овозможиме отворање на локалите и на оние кои имаат помал капацитет, во однос на терасите, но истовремено и на оние кои имаат објекти за да функционираат внатре-вели Бектеши.

Но, што со полицискиот час? Министерот за здравство рече дека сега за сега не се размислува за скратување, но како што објаснува, тоа може да се случи подоцна ако има барање од операторите кои ќе започнат со работа во текот на следните три недели. Првиот човек на ресорот економија пак, вели дека од следната недела може да се очекува скратување на полицискиот час. Во текот на следните две недели е предвидено отворање и на објектите за игри на среќа, казината, спортските тренинзи на затворено, базените и фитнес-центрите.