Врховниот суд во земјава реагираше за настаните во Судскиот совет. Претседателката на Врховен, Беса Адеми, преку соопштение, вели дека со внимание ги следат настаните во Советот и бара состојбата да се надмине за доброто на граѓаните. Ги повика нејзините колеги овој период кој е клучен за државата, судските институции да се придржуваат до извештаите на ЕК и Американскиот Стејт Департмент.
„Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба“, вели Беса Адеми.
Со поостар тон реагираше денеска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, во Советот се води војна меѓу партиски кланови за тоа кој ќе биде иден претседател на оваа институција. Таков срам, вандализам никогаш не е виден во Македонија, додава Мицкоски.
И за премиерот, настаните во Судскиот совет се сцена која не му доликува на ваков висок орган во судскиот систем. Додаде дека тој нема да се меша во работата на судството но побара судските органи да ја вршат својата работа како што треба. Според него доколку некој од политиката интервенира, тогаш самите судии треба да го пријават.
За разрешувањето на Весна Дамева од функцијата претседател на Судски Совет, вчера се произнесоа претседателот на државата, Стево Пендаровски, Министерство за правда и Антикорупција. Дамева беше разрешена без да биде на дневен ред нејзиното разрешување. Тоа дојде по неколкучасовна дебата во Судски Совет во врска со писмото на американската амбасадорка Ангела Агелер за доцнењата во Апелација.
