Втор ден блокади на превозниците – Муратовска од „Макамтранс“ и премиерот Мицкоски очекуваат решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Втор ден од блокадата на товарните превозници на граничните премини како дел од заедничкиот протест на македонските транспортери и на другите земји од Западен Балкан како реакција на новиот таканаречен ЕЕС систем за престој во Европската унија. Покрај камионските најава дека ќе се приклучат на блокадите доаѓа и од автобуските превозници. Од Асоцијацијата „Исток“ велат дека новиот начин на евиденција го отежнува нивното работење и доколку не се најде решение и тие ќе се придружат на блокадите на товарните превозници. Претседателката на здружението на транспортери „Макамтранс“ Билјана Муратовска во изјава за ТВ21 вели дека очекува позитивно да се решат овие проблеми. Најави дека на блокадите ќе останат една недела,, но доколку се наиде на разбирање и започнат преговорите тие ќе ги прекинат протестите.

„Очекувам, бидејќи од вчерашната изјава на портпаролот јасно е дека „вордингот“ веќе малку е сменет, не се толку арогантни колку што беа на почетокот кога кажуваа дека правилата се тие, ништо не е сменето и нема што да размислуваат, меѓутоа, сега спомнуваат и дека ќе размислуваат за некои визни форми на решавање на случајот“, порача Билјана Муратовска.

Муратовска е оптимист дека овој проблем ќе се надмине и поради фактот што во регионов има многу странски инвестиции кои, доколку се спроведе овој систем на престој за превозниците, ќе страдаат и нивните фирми.

„Ова не е проблем само на Западен Балкан ова е проблем и на Европската унија, овде има премногу, на оваа територија на Западен Балкан има странски инвестиции. Тие не дојдоа за да имаат скапи превози или да не можат да превезат репроматеријал што го добиваат, за готовите производи што ги прават да ги вратат назад“, вели Билјана Муратовска.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека за овој проблем е разговарано уште од септември со претставниците на Европската комисија, а дека побарал побарал да разговара и со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

„Уште од септември месец ова прашање е на дневен ред во рамките на нашите разговори со Европската комисија. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија е задолжен од страна на Владата да разговара за ова прашање. Очекувам барем од тоа што е последна најава ова да се реши. Вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, таа е службено отсутна во Индија, очекувам деновиве да се слушнам и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме оваа тема на маса“, рече Христијан Мицкоски.

Вчера портпаролот на Европската комисија Маркус Ламер изјави дека ЕУ е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните превозници од Западен Балкан и дека тие работат и размислуваат во контекст на подготовките на претстојната визна стратегија или со национални аранжмани, која, како што истакна ќе ја објават оваа недела.