Компанијата „Рапид Билд“ од Куманово понудила најниска цена од 59,9 милиони евра на тендерот за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција и нејзината понуда е најмногу во игра во изборот на изведувач, дознава ТВ21.
Според нашите информации цената на „Рапид Билд“ е за 10 милиони евра пониска од понудата на втората компанија која доаѓа од Србија. Таа понудила 69 милиони евра за да го изгради интерконекторот за природен гас со Грција. Третата понуда од 70 милиони евра е на компанија од Италија, а највисоката понуда е околу 90 милиони евра.
Од „Номагас“ информираа дека денеска е затворен тендерот. Пристигнале 5 понуди, една од домашна компанија, две се италијански и по една понуда има од компании од Турција и Србија. Не откриваат детали за понудите, само очекуваат изградбата да почне напролет, откако ќе поминат сите процедури на одобрување на изведувач.
„Компанијата која ќе биде избрана ќе има рок од две години за изградба на македонскиот дел од интерконекторот, во должина од 67 километри. Се очекува до крајот на годината да биде финализиран изборот, како и потпишувањето на потребните договори, со компанијата која ќе ги изведува градежните работи, со што, според очекувањата, изградбата ќе започне напролет“, вели Номагас АД Скопје
Ова е втор обид да се избере компанија за изградба на интерконекторот.
Претходно, тендерот беше поништен, затоа што Европската банка имаше забелешка поради која постапката требаше да се повтори. Според информации на ТВ 21 тогаш најниската цена за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција била 71 милион евра.
Сопственикот на „Рапид Билд“ Тони Каранфиловски за ТВ21 потврди дека имаат најниска цена на тендерот.
„Да, понудивме 59, 9 милиони евра за изградба на интерконекторот со Грција и во одонос на другите понуди, нашата е со најниска цена. По отварањето на понудите, следува еваулација од комисија на „Номагас“, и после тоа оди на одобрување кај Европска инвестициска банка. Цената која ја понудивме на овој тендер е рефлекција на пазарните текови и се должи на значителен пад на цената на челикот во споредба со 2022/2023.“, вели Тони Каранфиловски.
Ако овој пат не успее изградбата на интерконекторот кон Грција, тие од нас имаат право да бараат отштета, односно државата ќе треба да им исплати толку пари колку што од грчка страна инвестирале во својот дел.
Интерконекторот е со должина од 123 километри, а македонскиот дел е 67 километри – од Гевгелија до Неготино. Парите за изградба на интерконекторот, 83,6 милиони евра се обезбедени преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции.
Ова поврзување со Грција треба да обезбеди гас од повеќе извори. Во моментов само со Бугарија е единствената прекугранична врска што ја има земјава.
