Пред почетокот на кампањата, лидерите на партиите ветија скромни собири поради пандемијата, со почитување на сите мерки за заштита од корона вирусот, но снимките говорат нешто друго!
Без маски, без растојание, со прегратки и ракување, некои невакцинирани, на отворено и во затворени сали, се одржа речиси целата предизборна кампања во земјава. Иако пред неколку месеци стотици граѓани беа казнети за неносење маска на отворено,за време на кампањата, никој не беше казнет. Учесници на митинзите беа и првите луѓе на Здравство, Филипче и Хасани. Пред 10 дена кога го прашавме министерот за здравство, дали ќе реагира во врска со непочитувањето на протоколите, ја призна грешката и вети дека ќе побара да се почитуваат протоколите, но на терен продолжи истата слика.
Поради масивните собири, лекарите најавуваат последици кои ќе влијаат на зголемување на бројот на заразени со корона вирусот.
И премиерот Зоран Заев вината за непочитувањето на дистанцата и другите мерки, им ја префрли на непланираните симпатизери кои присуствувале на партиските собири.
Инаку протоколите за заштита од Ковид 19 велат дека доколку има масивни собири и доколку дистанца не може да се одржува, граѓаните треба да носат маска и на отворено.
