Претседателот на Србија, Александар Вучиќ влезе во нов конфликт со јавноста во нашиот северен сосед, откако ја нарече дописничката на Радио Телевизија Србија (РТС) од Ниш „имбецил“.
Потоа српскиот претседател испрати соопштение во кое се извини на новинарката, и на српската јавност.
„Да бидеме на чисто, како претседател на Република Србија, без разлика на тортурата низ која минувам секојдневно, иако ненадлежен, немам право било кого да нарекувам имбецил, и се извинувам на граѓаните на Србија, на новинарите, на дописништвото на РТС и на новинарката поради тоа што го сторив. Исто така, за професионалноста и објективноста за споменатите новинари мислам дека се лоши и дека се срам за својата професија т.е. мислам дека не се новинари, туку политички активисти“, рече Вучиќ.
Претходно Програмскиот одбор на РТС излезе со соопштение во кое се наведува дека ја смета за „непристојна изјавата на Вучиќ на неделниот митинг во Бор, во која тој го нарече „имбецил“ новинар на РТС кој известува од митингот во Ниш“. Тие изјавија дека „ниту еден носител на јавна функција, без разлика на која политичка партија припаѓа, нема право да зборува за нашите колеги на ваков навредлив начин“.
