Вуцас со обвинувања за фирми на Заеви – Заев најавува тужба, Пендаровски вели легитимна е реакцијата на амбасадорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остра преписка меѓу австрискиот амбасадор Георг Вуцас и поранешниот премиер Зоран Заев. Во допис до медиумите амбасадорот Вуцас наведува дека австриска компанија не може да си го наплати долгот односно отштета од една македонска фирма на Заеви во износ од 4,5 милиони евра, за што, како што се наведува, постои одлука на меѓународна арбитражна постапка, а чие спроведување било закочено од македонските судови.

„Навременото делување е од суштинско значење затоа што „Дена“ од самиот почеток со поддршка на сродни компании и нотари презеде разни активности за да се спречи значајно извршување на побарувањата. Меѓу другото, најголемиот дел од својот имот го префрлиле на „Глобал Трејд“ Валандово, Глобал поврзана компанија која е во сопственост на Емилија Заева Костова сопруга на Атанас Костов и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев“, вели Георг Вуцас.

Судирот меѓу Вуцас и Заев е поради тоа што австрискиот амбасадор го спомнува името на екс премиерот дека е во роднински врски со сопствениците на фирмите со кои, како што тврди се правеле манипулации да не се спроведе извршната наплата. За ова Заев најави и тужба против Вуцас.

Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите.Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед“, вели Зоран Заев.

Претседателот Пендаровски пак смета дека амбасадорот има целосно право да ги штити интересите на австриските фирми.

„Не станува збор за мешање во внатрешни работи, станува збор за легитимна обврска на секој амбасадор. И нашите амбасадори кога се надвор и ја претставуваат нашата држава имаат обврска да ги штитат интересите и на приватни фирми и на граѓани, не само на институциите на државата која ја претставуваат. Видовме реакција во текот на вчерашниот ден и од поранешниот премиер кој имено упати на институционална разврска така што очекувам македонските институции кои се единствено надлежни во вакви ситуации да утврдат дали навистина, како што тврди амбасадорот имало непочитување на меѓународна арбитража“, вели Стево Пендаровски.

Во писмото амбасадорот Вуцас упати на обвинувања до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, поради непостапување и бара смена на судиите и јавните обвинители. За ова реагираа и од Судскиот совет.

Во содржината на дописот, амбасадорот истакнува сомнеж дека спорот се води под  надворешни влијанија. Наводите во известувањето ќе бидат проверени, со непосреден увид во списите на предметот, дејствијата преземени од страна на судовите  и евентуално донесените одлуки. По направените посети и увид, Судскиот совет ќе изготви извештај, по што ќе продожи со преземање на конкретни дејствија  за следењето на предметот“, велат од Судски совет.

Инаку, во случајов се работи за фирмата „Дена продукт“ која склучила договор со австриска компанија „АММА“ за соработка со производство и пласман на корнишони во Австрија. Но откако било откриено дека македонската фирма продавала и на германскиот пазар бил покренат спор на меѓународен арбитражен суд во Виена. Во меѓувреме фирмата „Дена продукт“го префрлила голем дел од својот имот на компанијата „Глобал трејд“.