Преполни клиники со пациенти, уморни лекари, загрижени роднини. Ваква е сликата во државните и приватните болници низ земјава. За 12 часа над 100 пациенти со Ковид 19 деноноќно доаѓаат кај инфектологот од Куманово, Алириза Османи. Додава дека медицинскиот персонал е преморен и дека има недостиг од лекари и медицински сестри.
„Медицински сестри има но не доволно колку што ни е потребно. Реално, напливот од пациенти е многу голем. 100-150 лица за 123 часа, не престануваат ниту ноќе, ниту преку ден, така што и лекарите и медицинските сестри се уморни“, истакна Алириза Османи.
Инфектологот Османи вели дека вакцинираните пациенти многу полесно го поминуваат вирусот. Вели дека спасот го гледа само во вакцинирање на целото население.
„За среќа, кај вакцинираните симптомите се многу полесни и многу полесно го поминуваат вирусот и немаме тешкотија со нив. Има пациенти со хронични болести, болести на срцето кои ги имаат со години, но вакцината навистина дава многу добри резултати. Не гледам друго решение освен да се вакцинира целото население. Тие кои ги примиле двете дози имаат многу помалку проблеми и многу полесно поминуваат“, посочи Алириза Османи.
Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека околу 8% од починатите од Ковид 19 во последните две недели имале примено две дози вакцина, но дека повеќето биле возрасни со хронични болести. се отвора и најголемиот центар за вакцинација во земјава, спортската сала Борис Трајковски во Скопје, со што се очекува гужвите во амбулантите да се намалат. Последниве денови во земјава се вакцинирале над 17 илјади граѓани.
