За кого СДСМ ќе бара гласови, за Беса или за ДУИ? – Заев: Можеби во втор круг ќе одат кандидатот на СДСМ и Алијанса

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кој кого од политичките партии ќе моли и бара поддршка за локалните избори. Партиските штабови, прават анализи и калкулации. Една од најголемите општини е Тетово каде во моментов градоначалничката е од редовите на ДУИ, Теута Арифи. Се очекува, албанската владејачка партија да ја кандидира Арифи за уште еден мандат. Од друга страна, коалицискиот партнер на СДСМ, а воедно и владин, Движењето Беса ќе има свој кандидат во Тетово. Според сите најави тоа ќе биде Биљал Касами.

Со оглед на тоа дека веќе се почнати партиските пресметки кој со кого ќе оди на изборите, или кој на кого ќе му даде поддршка, се поставува прашањето за кого СДСМ ќе ги бара гласовите од своите симпатизери во Тетово, со оглед дека во владата партнер им е и ДУИ, но и Беса.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев за ТВ21, вели дека до крајот на месецот ќе бидат готови коалициските договори.  Сепак додава, дека поддршка ќе добие таа партија со која имаат коалиција, не прецизирајќи дали е тоа Беса или ДУИ.

„Немам се уште одговор, но се надеваме дека ќе постигнеме до крајот на овој месец. Со ДУИ, БЕСА и ДПА. Таму каде што имаме повеќе кандидати од нашата коалиција, тој што ќе влезе во вториот круг логично е да биде поддржан од сите коалициони партнери“, посочи Зоран Заев.

Но, што доколку во вториот круг во Теотов влезат кандидатот на ДУИ и кандидатот на БЕСА. Кого во тој случај ќе поддржи СДСМ? Теута Арифи или Биљал Касами. Заев резервиран со одговорот по ова прашање:

„Се уште е рано да се да се даваат такви одговори на такви претпоставки. Мојот одговор на ова прашање може само проблем да предизвика во коалицијата. Од кај нас повеќето мислат дека СДСМ ќе влезе во вториот круг со кандидатот од Алијанса. Рано е вака теоретски да се зборува“, додаде Зоран Заев.

А, пак од Беса велат дека не гледаат ништо комплексно доколку гласачите на СДСМ гласаат за нивниот кандидат.

„Ние веруваме дека во општините каде ќе се тркаме на изборите имаат потреба од промени. Од тука поддршаката ја очекуваме од граѓаните. Што се однесува до СДСМ, не гледам ништо комплексно нивните гласачи да гласаат за Движењето Беса затоа што, тие еднаш веќе гласале, не подалеку, пред една година на парламентарните избори“, вели Арјанит Хоџа.

За Тетово кандидат за градоначалник објави и ДПА. Сади Беџети ќе влезе во трка за уште еден мандат по пауза од неколку години. Се уште не се знае кој ќе биде кој ќе биде кандидатот на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, но се шпекулира со името на доктор Илир Демири.

Инаку, СДСМ веќе ги промовираше дел од кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори во октомври. Петре Шилегов ќе се трка за Град Скопје, во битката за втор градоначалнички мандат ќе се борат и Темелковски во Кисела Вода, Смилевски во Бутел, Халими во Арачиново, Николов во Штип, Георгиевски во Охрид. На последниот состанок на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ биле исфилтрирани 25 имиња кои ќе трчаат за градоначалничките позиции, но имиња не се откриваат.