Министерството за економија и Владата не планираат да воведат нови мерки откако на 30-ти месецов ќе „Велигденската кошница“ каде се замрзнати маржите и цените на основните прехранбени производи. Според министерот за економија Бесар Дурмиши, инфлацијата е смирена и затоа од Први мај цените повторно слободно ќе се формираат.
„Ние информациите или податоците ги земаме од релевантните институции, како што е Државен завод за статистика, и таму јасно се кажува дека инфлацијата во месец март, односно имаме не инфлација, току дефлација за 1,3 проценти, така да ние оттука ги земеме податоците и нормално инфлацијата е во стабилна фаза.“, вели Дурмиши.
Но, ова е точно само ако се гледа податокот март во однос на февруари оваа година. Но, ако се погледнат другите, порелевантни податоци на пример за инфлацијата во првите три месеци од годинава во споредба со истиот период лани, таа е зголемена за 4,2 насто, додека ако се споредат март 2025 со март 2024, инфлацијата е 2,7 насто.

Дурмиши сепак остави можност дека ако повторно „букнат“ цените на основните прехранбени производи, да се интервенира со нови мерки.
Тој додаде дека иако голем дел од маркетите беа против Рамазанската и Велигденската кошница и тврдеа дека ќе имаат загуби, до сега никој од нив не се пожалил во Министерството.
„До сега таква информација дека имаат тешкотии при спроведување на оваа мерка немаме. Не стигнало официјално до кај нас. Не знаеме на терен какви се нивните разговори, ама официјално до кај нас не е пристигната ниту една таква информација или барање“, вели Дурмиши.

Инаку, од петок, 18.април сите трговци на мало, без разлика на нивната големина, значи мали, средни и големи фирми, освен оние кои имаат до 10 вработени, ќе мора да ги објават цените на производите на своите веб страници и тоа секој ден најдоцна до 10 часот наутро. Мора да се наведе и кој производ е на попуст, колку изнесува, како и кои производи се на промоција. Ако трговците на мало не го почитуваат ова, ќе има казни.
