За опозицијата ова е театар и класичен блеф – оставките на министрите на ДУИ стигнаа до Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Владата и официјално пристигнаа оставките на министрите од ДУИ, информираат извори од владиниот кабинет. Оставките, како што вчера најави првиот човек на ДУИ Али Ахмети, автоматски ќе се активираат кога опозицијата ќе ги изгласа уставните измени.

Најавите оставка не беа оценети како искрени од другите субјекти и другите политички фактори. Како гостин во  SummerClick,  Аријанит Хоџа, кој досега беше потпретседател во Движење Беса, вели дека ако ги прашаме министрите од ДУИ, не верува дека тие би биле подготвени да се откажат од функцијата.

„Сега не знам дали  мислат или не, но ако се случат уставните измени, за ДУИ би било фатално ако тие одлуки или тие оставки не се извршат. Ако ги прашате министрите, не верувам дека се подготвени да ги напуштат фотелјите затоа што е создаден долгогодишен комфор и не се спремни да го нарушат тој комфор, а овие критики  ги упатував и во минатото и денес“, вели Арјанит Хоџа.

Од новото Движење на Изет Меџити порачаа, министрите да поднесат оставки за нивните криминали, а не за уставните измени.

„Ќе поднесете оставка за корупциските скандали, за црните листи, за казината, за злоупотребите. Се друго е театар“, вели Изет Меџити.

Дури и од Алтернатива овие оставки ги нарекуваат дволичност на Ахмети и Груби, односно обид за дефокусирање на јавноста.

„Денешното лицемерие на Ахмети, Груби и нивните кланови сведочи за неколку работи. Прво, дека парламентарното мнозинство е далеку од 2/3 мнозинство за посакуваните уставни измени. Второ, Ахмети, Груби и нивните кланови се покажаа дека се во паника за тоа што следи. Трето, по веќе видено ПР-сценарио на лажно херојство, како „Зошто да не“, повторно се обидуваат да ја дефокусираат јавнсоста од нивните корумпирани и политички дамки“, додаваат од Алтернатива.

Реакција имаше и од Демократски сојуз. Според нив, овој потег на ДУИ е класичен и познат блеф.