За престојот на возачите во „Шенген“ – Македонија сама го решава проблемот, со 6 земји се постигнати или се постигнуваат договори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, е задоволен од сработеното за надминување на проблемите со престојот на македонските професионални возачи во Шенген-зоната и нагласува дека преку процесот што државата самостојно го води, преку билатерални преговори, веќе им се издаваат долгорочни работни визи.

„Веќе се договоривме со Швајцарија, со Хрватска, со Романија, во завршна фаза сме на договорот со Словенија, со Австрија и со Германија, што на некој начин го решава целиот проблем на македонските транспортери преку издавање долгорочни работни визи за нив, кои веќе започнаа да им се издаваат“, изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.

Тој нагласи дека Македонија не е и нема да биде дел од никаква група на земји од регионот, туку дека процесот го води самостојно, бидејќи, како што рече, бил злоупотребуван од некои други земји – дел за сценски настапи, а дел за политички поени.

„Она што особено ме револтира е што во март започнавме разговори со Делегацијата на Европската Унија и со Европската комисија на експертско ниво. Овие разговори се зад затворени врати, бидејќи потребни се најмалку три-четири циклуси за да се дојде до решение. На некаков магичен начин се појавија брифинзи од тие разговори во една соседна земја, излегоа во јавност и се изгуби целата смисла, што сметам дека е неприфатливо. Затоа одлучивме процесот сами да го водиме и да го завршиме, и токму тоа го правиме“, изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.

За Грција и Бугарија, Николоски изјави дека проблемот веќе е решен, односно тие се сметаат за прекугранична зона и таму деновите на престој воопшто не се пресметуваат.